Како да совладаш НОВА вештина во 5 чекори дури и кога мразиш да учиш

Имаше една работа што многу ме нервираше во средно.

Тоа продолжи и на факултет.

Секогаш кога се отвараше тема за таа работа, запаѓав во некоја невоља со наставници, педагози, декани и други со слични називи.

Таа “работа” е всушност прашање.

Еве го:

“Зошто бе не седнете и направите предавања за како всушност треба да учиме за да можеме да го совладеме целиот материјал во програмата?”

– Во смисла на техники.
– Во смисла на стратегии.
– Во смисла на алатки.

И не е ова само амерички булшит.

Реално, ова е суштината.

Моменталниот образовен процес се темели на:

Научиш да читаш —> оди и бори се за 5, 10 оценка

Тоа е тоа. Готово. Ти си.

Проблемот со ова е како да учиш аикидо каде што те фрлаат како салфетка насекаде, а ти да не знаеш како да паѓаш.

Ок, можеби тапа пример, еве ти друг:

Ова ти е како да научиш да цепиш дрва дома во двор и после тоа да треба да отидеш и работиш како дрвосечач со таа секира без да ти кажат дека има и пила, камион и сл. (подобро? 🙂 )

Откако видов дека нема смисла да ги прашувам, решив сам да се потрудам да го решам ребусот.

После неколку курсеви за брзо читање, подобрување на меморијата, техники на учење и експериментирање…. дојдов до системот којшто сметам дека на сите ни треба.

Сега ќе го споделам со тебе т.е. ќе те научам да учиш.

Ќе ти помогне да:

  • Учиш нови работи на начин на којшто ќе се чувствуваш способен/а да ги користиш
  • Да гледаш стратешки на учењето на нови вештини
  • Да можеш брзо да дојдеш до подготвеност за подобри резултати
  • Да си ги поставуваш правилните прашања кога треба да добиеш нова вештина
  • Како да престанеш да “читаш” книги и да започнеш да ги “џвакаш”

Пред да ја споделам “рецептата” или системот со тебе, сакам само да додадам дека го пишувам ова како резултат на конверзацијата што ја имав со една девојка од Маркетинг Компас.

Еве го емаилот што го добив, т.е. извадокот којшто сметам дека е клучен:

email

Доколку и ти се соочуваш со истиот предизвик…

Еве го мојот систем:

1. Читај

Овој чекор опфаќа проучување на книгите за одредена област како и активно читање (во спринтови) на материјалот во нив.

2. Моделирај

Овој чекор опфаќа следење на луѓето кои што се искусни во областа.

Во овој дел влегуваат сите аудио или видео материјали.

Во овој чекор ми е важно да видам што луѓето со таа вештина физички прават, што мислат и по која секвенца ги прават активностите од таа вештина.

Еве што споделив со девојката во нејзиниот случај за elevator pitch за моделирањето:

“Во превод, ова значи гледај што прават не само што пишуваат.

За да отсликам поточно, во твојов случај јас би го направил следново:

Чекор 1: Одиш на www.google.com

Чекор 2: Пишуваш The best shark tank pitches

Чекор 3: Ги гледаш и ги моделираш нивните пристапи ставајќи на хартија што прават прво што второ што трето и сл.”

3. Прави

Ова е делот каде што сам го правам она што сум го читал и гледал. Експерименти и тестови во кои што не барам од прва да успеам туку барам да напредувам и да бидам инволвиран во процесот.

4. Подобри

Ова е делот во којшто сакам да подобрам она што сметам дека ми недостига во целата работа. Ова значи навраќање на книгите и видата како и специфично истражување само за тоа што ми недостига.

5. Сподели

Ова е делот каде што го споделувам стекнатото знаење или прогрес во целата работа. Има некоја специјална магија во споделување на знаењето, бидејќи кога се обидуваш да објасниш некому што знаеш, откриваш дополнителни заклучоци и учиш уште повеќе.

*Доколку имаш прашање за било кој од чекорите, пиши ми во коментар, ќе објаснам.

Кое е твоето мислење?